Туризмот пред колапс. Ниту Македонците резервираат за странство, ниту пак странците доаѓаат кај нас. Тури за Велигден речиси и да нема. Туристичките агенции во страв – ако состојбата со коронавирусот продолжи, нула ќе изнесува бројот на туристи до крајот на мај, а веројатно и во јуни. Сите претходно закажани аранжмани за овој период, странските агенции веќе ги откажале. Загубите на туристичките агенции изнесувале и до 80% во февруари и март.

Владата мора да го спречи банкротот на фирмите од туристичкиот сектор, велат од коморите за туризам. Тие од Владата бараат привремено да се ослободат хотелите, агенциите и превозниците од придонеси и даноци на личен доход за вработените во период од 6 месеци, итно формирање на фонд за ублажување на штетите, пренамена на пари, помош при конфликти поради прекин на договори.

Од коморите уверуваат дека туристичките агенции нивни членки организирано не пуштиле ниту еден патник во Италија за 8 март. Сепак, тури имало за локации во Франција и Германија каде исто така има голем број на заболени.

Критикуваат дека и покрај тоа што нискобуџетниот авиопревозник Визер ветил дека ќе ги врати парите за купените билети, сумата не била рефундирана во целост туку едвај 10% од неа.

Ги апелираат конгресите, саемите, конференциите да се одржуваат на македонска територија.