На овој список на УЈП е вклучена и невладината организација на Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, „Меѓународен сојуз, со неплатен данок на добивка од над 100 илјади евра. Тука е и неговата „Томато“ продукција за која пред извесен период УЈП обзнани шема за затајување данок. „Томато“ должи над 141 илјада евра за ДДВ, данок на добивка и персонален данок.

Енергетската компанија „ТЕ-ТО“ не се симна од првото  место и на најновата листа на должници за неплатени разни давачки кон државата, што ја објави Управата за јавни приходи. Долгот на оваа компанија која поседува гасна централа за производство на електрична и топлинска енергија е 12 милиони евра.

На овој список е вклучена и невладината организација на Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, „Меѓународен сојуз, со неплатен данок на добивка од над 100 илјади евра. Тука е и неговата „Томато“ продукција за која пред извесен период УЈП обзнани шема за затајување данок. „Томато“ должи над 141 илјада евра за ДДВ, данок на добивка и персонален данок.

Најновиот црн список на УЈП содржи вкупно 1.765 фирми, што е за 306 помалку отколку на претходниот и 2.321 физички лица, за 208 помалку од претходно, а на него не изостанаа локалните комунални претпријатија, јавни претпријатија, приватни фирми кои не така одамна значеле нешто во државата, но и такви кои одамна се во стечај и не произведуваат, спортски клубови… како и граѓани познати на јавноста, меѓу кои некои се пред повеќе години починати.

Покрај трите компании за производство на автобуси на контроверзниот Мексиканец со македонско потекло Ангел Кастиљо, „Ел Дон Касиљо Ангел“, „Индустрија Ел Азтека“ и „Мотор Коач индустрија интернационал“, кои со години со вкупен долг од 23 милиона евра го заземаат второто, третото и четвртото место, списокот на најголемите должници го пополнува и скопски Италмонд, компанија која беше во клубот на двестете најдобри во државата, а сега по повеќе основи на државата и должи над четири милиони евра.

На високата деветта позиција на овој список е гостиварски Комуналец, а близу до него е и комуналното претпријатие од Тетово. Големи должници се и некогашните градежни гиганти „Прототип“ и „Трансмет“, кои до пред неколку години добиваа тендери од државата, како и познатиот „Урбан инвест“ од Кавадарци. Меѓу поголемите должници е и скопската општина Карпош, која на државата треба да и плати повеќе од половина милион евра. Меѓу компаниите на листата на УЈП се и „Бујото“, фудбалскиот клуб „Вардар“, производителот на  пилиња „Пилко“, производителот на градежни материјали ИГМ „Џумајлија“, потоа „Македонска книга“, летувалиштето „Младост“ во Охрид на Феријалниот сојуз, ски центарот „Кожуф“, скопскиот Туристички сојуз и многу други. Меѓу неплаќачите на давачките кон државата има и заштитни друштва, здруженија на возачи, текстилни и градежни фирми, агенции за привремени вработувања, фудбалски клубови, маркети, еден работнички универзитет, авторски агенции, познати адвокати, хотелиери, такси компании, гостилници, пекари, аптеки…

Вкупниот долг на компаниите  и граѓаните ставени на мартовскиот список на УЈП е 146 милиони евра, што е за близу 20 милиони евра помалку од објавениот во февруари.

-Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 8.791.372.146 денари, што е помалку за 1.218.924.448 денари од претходната листа, додека долгот за царински давачки е 185.252.166 денари и е без промени од претходната листа, информираат од УЈП.

На новата листа се набројани должниците со долгови доспеани до 30 ноември лани и неплатени до крајот на минатиот месец и тоа по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини. Објавени се фирмите кои должат над 300.000 денари и физичките лица со долг над 120.000 денари.