Сите сме во страв, исчекување и паника во врска со новите настани околу корона вирусот и пандемијата која го тресе светот. И тоа е нормално. Здравјето на луѓето е на прво место. Најверојатно е оправдана и загриженоста поради непознатиот непријател во овој вирус кој сеуште има непознат алгоритам на случување. Кај овој вирус, како и кај секој друг постојат две опции: 1. Да го преживеете и 2. Да не го преживеете.

Доколку одите со втората опција, во суштина и нема за што понатаму да се грижите. Ниту грижи, ниту здравствени а ни финансиски главоболки ќе имате понатаму.

Е сега, доколку одите со првата опција, на која сите се обложуваат и надеваат, можат да се јават понатаму одредени финансиски импликации по Вашиот живот, буџет, планови и иднина воопшто…

Ќе пробам да ги алоцирам најстрашните финансиски сценарија кои после овие берзански и економски крахови може да се случат, и многу веројатно е да се случат, а со тоа е веројатно и да Ве „изненадат“.

Но да одиме со ред, почнувајќи од најлесното кон најтешкото:

  1. Отплаќачите на кредити треба да се замислат. Иако постојат некои најави дека во некои земји „блокирани“ се ратите на кредитите и дека банките во овој период на пандемија нема да побаруваат од клиентите рати, мој совет е да продолжите да си ги плаќате редовно ратите, бидејќи работите лесно и во недоразбирање можат да излезат од контрола. Затоа, покрај миење раце – плаќање на рати треба редовно.
  2. Вашиот мал бизнис најверојатно ќе страда. Да, за жал, ќе се успори целокупната и глобална и локална економија. Што повеќе – бидејќи се силно поврзани. И треба да сте спремни, но и среќни на оваа опција. Бидејќи ако дојдете во ситуација да имате потешкотии во Вашиот мал бизнис, потсетете се дека можевте да ја имате опцијата 2 од воведот во текстот.
  3. Штедачите ќе добиваат пониски камати. Најверојатно, успорената економска активност ќе предизвика монетарни вишоци и стравови од инвестиции. При голема понуда каква има моментално на пари во светот, многу е веројатно каматите да паѓаат уште повеќе. Прифатете го ова машки, стиснете заби но и запаметете дека сте ја одбегнале опција 2 од погоренаведениот пример.
  4. Инвеститорите во фондови и разни осигурителни шеми, најверојатно ќе „ заболат “ од старата шпекулативна епидемија на „бели очи“. Што значи тоа… Инвестирањето во фондови и осигурувања, е секогаш ризично. Тука постојат 2 типови на ризици. Системски и несистемски ризик. Коронавирусот е несистемски ризик, ризик кој не може/л да се предвиди и заради тоа Вашиот брокер/осигурителен агент, со стеснато палто и мирис на ефтина колонска вода и блескав фејк осмех – најверојатно не ви го кажал кога Ви ги „пимпал“ парите за да Ви ги „оплоди“. Сега, кога глобалните берзи паѓаат и блу чип компаниите тонат, како шпекулативно во цената, така и реално во обемот на бизнисите и испораките, овие фондови и осигурувања ќе книжат загуби. Тоа ќе се одрази на Вашите удели или осигурителни премии. Ќе има изговори дека корона вирусот е крив за тоа… И тоа е точно, но ваков тип на ризици треба да биде објаснуван секогаш. Можно е дури да се очекува колапс на некој финансиски или осигурителен гигант, слично на крахот на Леман Брадрс во 2008 година. И нема ништо чудно тука. Негативните приноси, неможноста да се одржат пирамидалните шеми кои сепак се понзи шеми во некој помодерен и подзаскриен облик, ќе немаат кондиција да вршат исплати. Зошто? Затоа што високите дивиденди кои беа одлика на минатата деценија ќе завршат… Со тоа ќе потонат и цените и приливите во големите фондови. Тие, ќе рушат се надолу под нив, кои на пирамидална шема ги изградиле од почеток.
  5. Заради тоа, мој совет за во наредниот период е да ги консолидирате Вашите финансии, да не очекувате премногу и да бидете спремни на се. Колку во поризчно место сте инвестирале, шансите да изгубите многу или можеби се, се многу високи. Затоа, за да не заболете од „бели очи“, навреме излезете од играта.

Наум Димитровски