Здравствените последици од ширењето на корона вирусот се чувствуваау ширум светот, но полека почнуваат да се појавуваат и првите знаци на финансиски и економски проблеми, чии размери во моментот не можат ни да се претпостават. Некои држави веќе најавија помош за компаниите и граѓаните за да го ублажат економскиот удар поради намалувањето и прекинот на работа поради корона вирусот.

Така, од Хрватското здружение на банки интензивно работат на мерки за олеснување на работата на компаниите погодени од корона вирусот, а се размислува и за воведување на одложена отплата на кредити на компании и на лица со гаранција на државата.

Во Италија, која се соочува со голем број на заразени и мртви, а целата земја е во карантин, најавено е одлагање на плаќањето на хипотеките за луѓето кои се заразени од корона вирусот. Сопствениците на куќи ширум Италија ќе добијат грејс период за плаќање на хипотеките.

Првиот круг на мерки во Италија ќе вклучи прекин на исплатата на режиски трошоци, даноци и хипотеки за да се намали притисокот врз компаниите и врз домаќинствата. Останатите мерки ќе бидат воведени дополнително.

Водечката банка во Велика Британија, RBS, исто така најави слични мерки. Од банката објавија дека на клиентите кои имаат финансики тешкотии поради епидемијата ќе им се овозможи одложување на исплатата на кредит и хипотека за три месеци.

На новонастаната ситуација во која епидемијата од азискиот континент се пресели во Европса реагираше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и најави формирање на инвестициски фондови за здравството, за малите и средните компании и за пазарот на труд, со кои ќе се финансираат погодените земји-членки. Фон дер Лејен истакна дека инвестициските фондови ќе се финансираат со 7,5 милијарди евра пари од ЕУ и дека ќе бидат достапни веднаш.