Пандемијата на корона вирусот предизвикува пад на индустриското производство во Кина, што е прв таков случај во последните 30 години. Голем пад е регистриран и во малопродажбата.
Индустриското производство падна за 13,5 проценти на годишно ниво, во однос на порастот од 6,9 проценти во декември. Во малопродажбата, што ја одразува потрошувачката, регистрирана е загуба од 20,5 проценти во однос на првите два месеци од 2019 година, објави Националното биро за статистика.
Епидемијата на новиот коронавирус ја наруши економската активност во првите два месеци од оваа година – велат од Националното биро за статистика, додавајќи дека генерално, краткорочните последици се совладливи.
Сепак, резултатите се полоши од тоа што аналитичарите очекуваа. Првичните прогнози покажуваа пад на индустриското производство од само три отсто, а на малопродажбата четири отсто.
За да даде поддршка на економијата, Централната банка на Кина објави намалување на задолжителниот процент што банките мора да го задржат како резерва. Ова би можело да ослободи 550 милијарди јуани (70,6 милијарди евра). На тој начин, кинеската Централна банка сака да ги охрабри комерцијалните банки да позајмуваат повеќе на фирми со цел да ја поддржат реалната економија.