Календарската 2020 година за Угостителско-туристичкиот сектор веќе е безнадежна дури и во ситуација ако уште утре епидемијата со COVID-19 биде под целосна контрола. Според статистиката околу 30.000 работници се ангажирани во секторот.

• Сите резервации за 2020 год. за организирани групи и настани како и сите индивидуални резервации и други настани се откажани.

• Сите аранжмани кон други дестинации за летната сезона се откажуваат.

 

Проблемот во секторот угостителство и туризам има краткорочни и долгорочни негативни ефекти. На краток рок важно е да се обезбеди поддршка за задржување на работниците на своите работни места, пред се поради фактот што ова е сектор каде и така исклучително тешко може да се најде и да се задржи работната сила во хотелите, рестораните, туристичките агенции, но и сите оние деловни субјекти кои се директно и индиректно поврзани со дејноста. На долг рок, за да опстои туризмот од исклучително значење е да се изготват акциски планови за обнова на секторот што ќе значи враќање на атрактивноста на дестинацијата како туристичка понуда, обезбедување организирани туристички патувања. Само на ваков начин ќе може да се очекува раздвижување на секторот, подигнување на работата во хотелите, туристичките агенции, рестораните.

 

Сепак, останува ризикот дека неизвесноста од временското траење на кризата може да предизвика и штети во делот на пропаѓање на дел од бизнисите, што ќе повлече и отпуштање од работа и евидентирање на нови невработени лица. Во таа насока, се и барањата на бизнис секторот да се превенира и да се обезбеди поддршка преку минимална плата, придонеси, кредитирање, одложување на плаќање на парафискални давачки и сл.

 

Ана Таневска Ѓеорѓиевска, претседател на Здружение на угостителството и туризмот (Македонијатурист АД Скопје).