Цената на нафтата на меѓународните пазари порасна на ниво од над 67 долари за барел, откако новите податоци од САД покажуваат пад на залихите втора недела по ред, што наведува на воспоставување на рамнотежа на најголемиот пазар на нафта во светот.
На лондонскиот пазар цената на нафтата се зголеми за 35 центи во однос на предходното затворање, на 67,21 $. На американскиот пазар се тргуваше за 50 центи повисока цена од 61,25 $.
Во вторникот, цената за барел на пазарот во САД скокна за 2,5 проценти и 3 проценти на пазарот во Лондон, поддржана од страна на послабиот долар и тензиите на Блискиот Исток.
Во средата цената на нафтата доби подршка од извештајот на Американскиот институт за нафта (API), кој покажува пад на залихите на сурова нафта и нафтени деривати минатата недела, втора недела по ред, со што се стави крај на период на раст од неколку месеци.
Овие податоци ја потиснаа во втор план оценката на Меѓународната агенција за енергетика (IEA) за неповрзани пазарни основи, со оглед на континуираниот раст на понудата и покрај само скромно зголемување на побарувачката.
Глобалното производство на нафта во моментов ја надминува побарувачката за околу два милиони барели дневно, или повеќе од два проценти.