На светските валутни пазари, курсот на еврото минатата недела во однос на доларот зајакна за повеќе од 2 проценти, пред се поради убеденоста на инвеститорите дека поради слабоста на американската економија ФЕД ќе го одложи зголемувањето на каматните стапки најмалку до есен.
Еврото минатата недела во однос на доларот скокна за 2,3 проценти на 1,1450 $, а во еден момент достигна и 1,1466 $, што е највисоко ниво во последните три месеци.
Еврото зајакна и во однос на јапонската валута, за 1,7 проценти, на 136,50 ¥. Доларот во однос на јенот ослабна за 0,5 проценти, на 119,25 ¥.
Вредноста на доларот е под притисок од големиот број на слаби макроекономски податоци кои покажуваат дека економијата на САД не се опоравува доволно брзо по стагнацијата во првиот квартал.
Индустриското производство во април забележа пад петти месец по ред, од 0,3 проценти . Индексот за расположението кај потрошувачите е намален, во мај според извештајот од Универзитетот во Мичиген индексот е на најниско ниво од октомври минатата година.
Поради слабите индикатори на почетокот на вториот квартал, аналитичарите во анкетата на Ројтерс ги намалија проценките за економскиот раст во тековниот квартал на 2,5 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Тоа е значително побавен раст во однос на вториот квартал од минатата година, кога бруто домашниот производ (БДП) скокна за 4,6 проценти, по стагнацијата во прв квартал.
“Поради слабите податоци од американската економија стивна надежта дека ФЕД во септември ќе ги зголеми каматните стапки , па вредноста на доларот изгуби на интензитет. Ќе биде потребно многу за доларот да се врати на патеката на раст”, изјави Adam Munguia, аналитичар во Bank of the West.
Долар индексот, кој ја покажува вредноста на САД во однос на шестте водечки светски валути ослабна шестата недела по ред. Долар индексот падна на 93,20 поени, во близина на најниското ниво во последните четири месеци.