Европската централна банка (ЕЦБ) вчера објави натамошно зајакнување на ликвидноста во еврозоната преку уште поповолно финансирање од комерцијалните банки, кои треба да ги насочуваат парите кон економиите кои се тешко погодени од пандемијата на коронавирусот.
ЕЦБ најави дека дополнително ќе ги намали каматните стапки на долгорочните банкарски кредити од јуни годинава до јуни следната година, од минус 0,75 на минус еден процент.
ЕЦБ, исто така, има намера во мај да воведе нова програма за финансирање на банките во корона кризата (ПЕЛТРО) за понатамошно зајакнување на ликвидноста на финансискиот систем.
ЕЦБ планира да купи средства во вредност од вкупно 1.100 милијарди евра оваа година, а не ја исклучува можноста за понатамошно зголемување на нејзината вредност ако економијата на еврозоната се намали повеќе од очекуваните предвидувања.
Експертите на ЕЦБ проценуваат дека економијата на еврозоната би можела да се намали од 5 до 12 проценти оваа година, изјави на прес-конференција директорката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
Влијанието на коронавирусот нема преседан и многу негативно влијае врз економијата, истакна Лагард, додавајќи дека темпото и силата на закрепнувањето се исклучително неизвесни.
ЕЦБ на вчерашната средба ги потврди зацртаните параметри од програмата за купување на средства во кризна состојба (PEPP).
„Управниот совет е целосно подготвен да ја зголеми вредноста на „PEPP” и да ја прилагоди нејзината структура, колку што е потребно и за периодот што ќе биде потребен за надминување на кризата“, велат од ЕЦБ.
ЕЦБ од неодамна прифаќа обврзници како гаранција за неинвестициски категории се со цел за да им помогне на банките да рефинансираат и канализираат пари преку кредити во реалната економија и секторите и компаниите кои се сериозно погодени од мерките за борба против коронавирусот.
Банката ги потврди и тековните важечки каматни стапки, вклучително и оние од минус 0,5 проценти на депозитите, главната каматна стапка која изнесува 0%, како и каматата за еднодневните позајмици од 0,25 проценти.