Кинеската валута повеќе не е потценета, а со оглед на тоа дека активноста во втората по големина светска економија забавува, е на добар пат кон посигурен и квалитетен раст, изјавија од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). САД веќе долго време ја обвинува Кина за манипулирање со девизниот курс на јуанот, држејќи го премногу ниско, со цел да го поттикне извозот.
Предходно потценувањето на курсот беше проблем, но не повеќе, оцени делегацијата на ММФ, по двонеделната посета на Кина.
“Значителното зајакнување на јуанот во изминатата година достигна ниво кое повеќе не е потценето” заклучуваат од делегацијата на ММФ, која им препорача на Кина дека треба да се фокусира на воведување на целосна флексибилност на девизниот курс со цел вредноста на јуанот да се прилагоди на растот на кинеската економија.
“Им препорачавме на властите да преземат брз напредок кон поголема флексибилност на девизниот курс, што е клучен услов за големите економии, како што е Кина, ориентирани кон пазарно вреднување и брза интеграција во глобалниот финансиски систем”, изјави делегацијата на ММФ, која верува дека Кина би можела да воспостави слободен, флуктуирачки курс на јуанот во следните две до три години.
Пекинг предходно изјави дека сака јуанот да стане алтернативна резервна валута на американскиот долар.
Делегацијата на ММФ, исто така, го коментираше забавувањето на кинеската економија, која се оддалечува од неодржливиот тренд на раст во изминатата деценија.
ММФ проценува дека оваа година економијата на Кина ќе се зголеми за 6,8 проценти и 6,25 проценти следната година.
“Кина е во транзиција кон нова нормалност, кон побезбеден и подобар, иако побавен, економскиот раст”, изјави ММФ, додавајќи дека промените во економијата се неопходни. “Пазарот на трудот продолжува да биде отпорен и покрај забавувањето на економијата, што го подржува растот на потрошувачката на домаќинствата”, дополнуваат од ММФ.