Германскиот извоз падна за 11,8 проценти на месечна основа во март, најголем пад од 1990 година, како резултат на пандемија на коронавирусот, објави денес Федералното биро за статистика

Падот на извозот на 108,9 милијарди евра е поголем отколку за време на финансиската криза во ноември 2008 година, кога извозот падна за девет проценти, што беше претходниот најлош месец за Германија и е полош показател отколку што очекуваа економистите.

„Ова е најголемото намалување откако статистиката започна во август 1990 година“, се вели во соопштението на Дестатис.

Увозот падна за 5,1 процент на месечна основа во март, на 91,6 милијарди евра, што е најниско ниво од јануари 2009 година.

Споредено со март 2019 година, извозот падна за 7,9 проценти, а увозот за 4,5 проценти.

Трговскиот суфицит опадна на 12,8 милијарди евра, според корегираните податоци, рече Дестатис.

Дури и ако Германија не наметна широки ограничувања во јавниот живот пред крајот на март, неколку од нејзините водечки трговски партнери, како Кина или Италија, веќе беа погодени од пандемијата.

Министерот за економија Питер Алтмејер предупреди кон крајот на април дека Германија, првата европска економија силно зависна од извозот, се соочува со „најлошата рецесија во историјата на Германската Република“ со очекуван пад на БДП од 6,3 проценти оваа година.

Германија очекува економијата да започне повторно да расте во 2021 година и очекува раст од 5,2 проценти таа година.

Економијата во 19 земји од еврозоната забележа пад од 3,8 проценти во првиот квартал од оваа година, според првата проценка, но германските податоци ги зголемуваат шансите за ревизијата да се намали, според економистот на ИНГ Карстен Брески.

Дестатис треба да ја објави првата проценка на германскиот БДП за првиот квартал на 2020 година на 15-ти мај.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк