Лидерот на СДСМ Зоран Заев на Фејсбук објави дека силно се поддржува земјоделството преку третиот пакет економски мерки.

Тој во својот ФБ статус наведува дека за земјоделството се наменети 5 милиони евра преку Равојната банка, 50 проценти субвенционирање на зелената нафта за земјоделците, 500.000 хектари закуп на пасишта за сточарите, до 10.000 евра за старт-ап семејни винарии и фарми, 50 милиони евра за модернизација на земјоделството.

„Македонската почва нуди огромни богатства, имаме ресурси, знаење и желба за работа и со соодветен план тие ресурси целосно ќе ги искористиме. Наша задача е со стратегија и соодветна поддршка земјоделството во Северна Македонија да стане една од најпродуктивните и најисплатливите гранки“, напиша Заев на Фејсбук.

Тој додаде дека здравствената криза покажа оти домашното производство во сите гранки е најважно и затоа треба, како што вели, да го подготвиме земјоделството – да ги искористиме сите потенцијали за поголемо производство и продолжување на инвестициите за рестарт на економијата.