Цените на нафтата на меѓународните пазари се зголемија со оглед на високата сезонска побарувачка на нафта во развиените економии, со тоа се компензира влијанието на вишокот на глобална понуда.
На лондонскиот пазар цената на нафтата се зголеми за 95 центи во однос на претходното затворање, на 63,64 $. На американскиот пазар се зголеми за 73 центи и достигна 58,87 $.
Побарувачка на нафта обично се зголемува во летните месеци поради заминувањето на голем број на луѓе од Европа и САД на одмор. Тоа доведе до компензација на влијанието од зголемената понудата.
“Време е за посилна сезонска побарувачка па растот на залихите е успорен”, објаснува Olivier Jakob од швајцарскиот Petromatrix. “Но, се уште има премногу нафта за да продолжи порастот на цените”, додава тој.
Поддршка цените на нафтата добиваат и од очекувањата за дополнително стимулирање на економијата во Кина, по неодамнешните разочарувачки податоци од втората по големина економија во светот. Инфлацијата во мај на годишна основа ослабна повеќе отколку што се очекуваше, на 1,2 проценти, а производствените цени паѓаат три последователни години. Кинескиот увоз на нафта во мај падна за околу 11 проценти во споредба со минатата година, што е нејзин најголем пад од ноември 2013 година.
Производството на нафта најверојатно ќе остане снажно и во наредниот период, откако Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во петокот одлучи да го задржи сегашното ниво на производството во наредните шест месеци, додека Иран и Ирак би можеле да го зголемат производството.