83 луѓе што спаѓаат во најбогатите на светот ги повикуваат владите да ги зголемат даноците за нив и за други членови на богатата елита за да помогнат во економското закрепнување од кризата што ја предизвика Ковид-19.
Супербогатите членови, вклучувајќи го и коосновачот на компанијата „Бен енд Џерис ајскрим“, како и наследничката на „Дизни“, Абигаил Дизни, ги повикуваат владите да ги зголемат даноците за луѓе како нив.
– Како што Ковид-19 го погодува светот, милионерите како нас имаат клучна улога во заздравувањето на светот. Не, ние не сме тие што се грижиме за болните во одделите за интензивна нега. Ние не возиме амбулантни возила што ги носат болните во болниците. Не ги редиме полиците во продавниците и не доставуваме храна од врата на врата. Но, имаме многу пари. Пари што се очајно потребни и ќе продолжат да бидат потребни во наредните години бидејќи нашиот свет закрепнува од криза – пишува во писмото напишано од 83 богаташи.
Групата предупредува дека економското влијание од корона-кризата ќе трае со децении и може да одведе половина милијарда луѓе во сиромаштија.
Бројот на супербогати луѓе продолжува да расте и покрај економското влијание на кризата и глобалните карантини. Џеф Безос, најбогатата личност на светот и основач на „Амазон“, го зголемил своето богатство за 75 милијарди долари, па сега „тежи“ 189 милијарди долари.
Повеќе од 500.000 луѓе се класифицирани како „ултрабогати“ со богатство што надминува 30 милиони долари. Тоа значи дека има повеќе ултрабогати луѓе во светот отколку население во Исланд, Малта и Белизе.
Во изминатиот период во повеќе наврати се повикуваат супербогатите да придонесат за закрепнување на светот од кризата. Критичарите посочуваат дека иако Безос донирал 100 милиони долари, тоа претставува помалку од 0,1 отсто од проценетото богатство.
Извор: The Guardian