Во периодот од 01.01.2020 до 30.06.2020 година Стопанска банка АД – Скопје оствари нето добивка пред оданочување во износ од 1.057.284 илјади денари споредена со износ од 1.171.487 илјади денари остварена во истиот период минатата година. Намалувањето на добивката е пред се резултат на глобалната пандемија и последиците како на глобално ниво така и во домашната економија.
Кон крајот на првиот квартал се случи пандемија ковид-19 која започна да се шири на глобално ниво предизвикувајќи сериозни импликации врз здравјето на луѓето со соодветен голем импакт и во економската сфера. Стопанска Банка АД – Скопје веднаш презеде мерки за заштита како на вработените така и на клиентите, со почитување на сите препораки кои започнаа да се објавуваат од страна на сите релевантни авторитети.
Менаџментот на Банката ќе продолжи активно да го следи развојот на кризата и да презема мерки и активности за ублажување на ефектите, како за Банката така и за нејзините клиенти.
Биланс на успех
Нето приходите од камати изнесуваат 1.838.365 илјади денари додека нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 353.854 илјади денари и се намалени за 8,9% во однос на крајот од првото полугодие во 2019 година.
Останатите приходи од дејноста забележаа намалување од 27,7%, додека останатите расходи од дејноста зголемување за 2,1%.
Трошоците за вработени на Стопанска банка АД – Скопје за вториот квартал од 2020 година изнесуваат 439.539 илјади
денари.
Во анализираниот период, Стопанска банка АД – Скопје издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето основа во износ од 445.515 илјади денари, соодветно на структурата и порастот на кредитната изложеност. Во првото полугодие од годината не е забележана загуба поради оштетување на нефинансиски средства, на нето основа.
Биланс на состојба
Вкупната актива на Стопанска банка АД – Скопје на 30.06.2020 изнесува 101.120.088 илјади денари и е зголемена за 1.432.588 илјади денари или 1,4% во споредба со крајот 2019.
Паричните средства и парични еквиваленти споредени со крајот на 2019 година се пониски за 5.043.850 илјади денари односно за 23,1%, додека кредитите и побарувањата од други комитенти изнесуваат 71.213.213 илјади денари и се повисоки за 4.715.114 илјади денари или 7,1% во споредба со крајот на минатата година.
Кредитите на и побарувањата од банки изнесуваат 242.905 илјади денари и се релативно на исто ниво односно бележат намалување во однос на крајот на 2019 година од 428 илјади денари.
Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 10.470.002 илјади денари и споредено со крајот на минатата година бележат зголемување за 1,777.833 илјади денари или 20,5%.
Превземените средства врз основа на ненаплатени побарувања изнесуваат 42.356 илјади денари.
Позицијата вкупни депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) бележатзголемување за 320.784 илјади денари споредено со крајот на минатата година и изнесуваат 83.436.560 илјади денари.
Капиталот и резервите изнесуваат 16.209.123 илјади денари што претставува зголемување за 6,2% во однос на крајот на 2019 година, пред се како резултат на остварената добивка.
Дополнително, со состојба 30.06.2020 години Банката изврши зголемување на регулаторниот капитал во износ од ЕУР 15 милиони со прераспоредувањето на добивката од 2019 година, со што се зголеми капиталната адекватност на Банката над пропишаните регулаторни барања, која претставува поддршка на бизнисот и идните перспективи на Банката.
Вложувања или продажба на материјални средства(недвижности, постојки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Недвижностите и опремата заклучно со 30.06.2020 година бележат намалување во однос на крајот на 2019 година за 13.546 илјади денари односно 1,4%.
Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемување поголеми од 30% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи).
Обврските по кредити изнесуваат 45.988 илјади денари и се намалени во однос на крајот на 2019 година за 78,5%.