Земјоделците кои ги осигурале посевите и/или добитокот имаат можност до 31 август да достават барање за финансиска поддршка т.е. повраток на дел од средствата кои ги уплатиле за земјоделските осигурителни полиси. Аплицирањето може да се изврши во работните денови во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Преку оваа мерка, државата субвенционира 60 отсто од средствата што земјоделците ги дале за полисата за осигурување на родот и добитокот. На овој начин директно им се помага на земјоделците во намалување на трошоците за заштита на родот од временски непогоди, а истовремено се штитат и од можни загуби доколку дојде до нив“ – изјави директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.