Заклучно со јули годинава, домаќинствата им должат на банките 2,9 милијарди евра, покажува најновиот извештај на Народната банка. Според податоците, и покрај кризата, во јули има зголемување на кредитите кај населението во однос на јуни за 1,3 проценти, а зголемувањето во однос на ланскиот јули е дури за 9,4 проценти.
И понатаму во структурата на кредитите најмногу има потрошувачки кредити, и тоа во износ од 1,5 милијарди евра. На второ место се станбените кредити, со 899 милиони евра, а на трето се кредитните картички, за кои домаќинствата должат 187,9 милиони евра.
По одложената наплата за 6 месеци, од октомври, сите ќе мора редовно да си ги враќаат кредитите.
Интересен берзански податок е што Стопанска банка, и покрај одложувањето на наплатата на кредитите и каматите од април годинава, во првото шестмесечје има дури поголема наплата на нето-камата од истиот период лани. Годинава за 6 месеци каматната заработка на оваа банка е 29,9 милиони евра, а лани била 29,5 милиони евра.
Во Комерцијална банка нето-приходите од камати во изминатите 6 месеци се намалиле за 3,2 проценти, а во НЛБ банка намалувањето е 1,5 отсто.
Во Стопанска банка и во Комерцијална банка е забележан поголем пад на приходите од провизии, додека кај НЛБ банка е забележано само мало намалување на овој вид приходи во изминатите 6 месеци.