И банкарите и од Народна банка денеска молчат за тоа кои се заклучоците од вчерашната средба за можно повторно одложување на ратите за кредитите на граѓаните. Од Народна банка добивме потврда дека средба имало, но останавме без одговор што било побарано од деловните банки и каков е ставот на Народната банка. Од НБРМ одговорија дека конечена одлука ќе има следната недела, бидејќи треба да се споведат допoлнителни анализи

„Во текот на вчерашниот ден веќе беше одржан состанок со претставници на Македонската банкарска асоцијација, на којшто се заклучи дека е потребно да се спроведат и дополнителни анализи. По спроведување на анализите, веќе во текот на следната недела очекуваме да има конечен став, водејќи сметка и за потребите на граѓаните, и за стабилноста на банкарскиот систем“, велат од Народна банка.

Граѓаните поради кризата предизвикана од Ковид 19 од почетокот на април добија можност да не ги плаќаат кредините обврски кон банките. Оваа мерка трае уште следниот месец, а доколку се одлучи да нема продолжување, граѓаните од први октомври започнуваат со редовно плаќање на кредитите. Праксата за одложување на кредитните обврски ја практикуваат речиси сите европски земји, а некој од нив донесоа и одлуки за повторно одложување на кредитите откако првиот рок заврши. Сепак, условите за тоа кој се не би требало да ги плаќа ратите се модифицирани.