Приходите на американската  видео-апликација Зум се зголемиле повеќе од четирипати во вториот фискален квартал благодарение на пандемијата на коронавирус што ги пренасочи официјалните и приватните состаноци преку интернет.

Компанијата вчера објави дека нејзините приходи за тримесечниот период што завршува во јули скокнале за 355 проценти од истиот период минатата година, на 663,5 милиони американски долари.

Нето добивката пораснала од минатогодишните 5,5 милиони долари на 186 милиони долари.

За време на пандемијата на коронавирус, многу бизниси и граѓани беа принудени да работат онлајн, организирајќи состаноци на дигитални платформи, како што е Зум.

Во многу земји, наставата и социјалните настани се префрлени на интернет, што му даде дополнителен поттик на растот на Зум.

Основната верзија на Зум е бесплатна, а компаниите плаќаат претплата за дополнителни функции. Зум во моментов има 370.200 корисници кои плаќаат за дополнителни услуги, скоро шест пати повеќе отколку во истиот период минатата година.

Зум очекува силен раст во текот на фискалната 2021 година, предвидувајќи приходи од 2,37 милијарди до 2,39 милијарди американски долари, под претпоставка на постојана силна побарувачка за услуги при работа од дома.