Викенд без ДДВ во продавниците ќе има, но кога не се знае. Од Владата велат дека оваа економска мерка ќе се реализира кога ќе заврши законската процедура и ќе се изготви правилник, пишува „СДК.мк“.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски на 17 мај, презентирајќи го третиот сет економски мерки за справување со корона-кризата, најави дека ќе се воведе викенд без да се плаќа данок на додадена вредност (ДДВ) за сите граѓани. Ден подоцна од економскиот тим на Владата образложија дека викендот без ДДВ ќе се реализира кон крајот на август или почетокот на септември кога ќе стивне епидемијата на корона вирусот.

Ваквото ветување, сепак, нема да се реализира според првично најавениот термин, но од Владата велат дека работат на реализација на проектот односно уште од првиот ден од конституирањето, новата Влада е во комуникација и координација со надлежните институции за реализација „Викенд без ДДВ“.

Откако ќе заврши целокупната законска процедура за реализација на мерката ‘Викенд без ДДВ‘ и се утврди правилникот, бидејќи она што ќе се купува ќе биде без ДДВ, јавноста веднаш ќе биде информирана. Еден од приоритетите на Владата е новата развојна економија којашто ќе овозможи динамичен раст и развој на домашното стопанството како и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Мерката ‘Викенд без ДДВ’ произлезе од следењето на здравствено-економската криза. Истата е една од планираните антикризни мерки, преку пониски цени за граѓаните да се поттикне зголемена потрошувачка, а со тоа и раст на приходите коишто ќе се слеат во македонското стопанство – велат од Владата за „СДК.мк“.

Како што беше најавено во мај, граѓаните преку оваа мерка, по пониски цени без ДДВ во продавниците би можеле да купат бела техника, гардероба, мебел, санитарија, школски прибор и книги.