Банките во Хрватска остварија бруто добивка од 1,98 милијарди куни во првата половина на оваа година, што е речиси за половина помалку отколку во истиот период од минатата година, покажуваат податоците на Хрватската народна банка (ХНБ).

Имено, полугодишната добивка на банките е за 1,8 милијарди куни или 47,8 проценти пониска отколку во првата половина на минатата година, што покажува дека силниот економски пад предизвикан од пандемијата на коронавирусот негативно се одрази и на банките, односно на нивната добивка, пишува порталот „Index.hr“.

„Бидејќи економијата силно ќе падне оваа година, банките ќе ги почувствуваат последиците од тоа, во смисла на намалени приходи, намален профит, а некои дури ќе имаат и загуби. Сепак, хрватските банки се многу добро капитализирани. Нашите најголеми, системски важни банки имаат околу 7,5 проценти повеќе капитал од регулаторните барања, а другите банки околу три проценти повеќе капитал. Значи, тие се во состојба да го издржат без последици овој удар на пад на резултатите оваа година“, изјави неодамна гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ како гостин на ХТВ.

Податоците на централната банка за работењето на кредитни институции заклучно со 30 јуни годинава се однесуваат на вкупно 20 хрватски банки, од кои 16 работеле со профит.

Најголема добивка во првите шест месеци од оваа година оствари Загребачка банка, идентични како и претходната година, остварувајќи добивка од 775,9 милиони куни, што е за околу 42 проценти помалку отколку во истиот период од минатата година.

Следува „Привредна банка Загреб” со бруто добивка од 479,8 милиони куни, или 43,6 проценти помалку од минатата година.

Бруто добивката на „ОТП банка Хрватска” падна на годишно ниво за 18,8 проценти или на 339,3 милиони куни.

Четвртата банка според бруто добивката во првите шест месеци од оваа година е најголемата банка во мнозинска државна сопственост – Хрватска поштенска банка (ХББ), која меѓу водечките банки забележа најмал пад на профитот, за 10,6 проценти, на 136,8 милиони куни.

Висок пад на бруто добивката од дури 70,7 проценти забележа „Erste & Steiermaerkische”, која забележа бруто добивка од 118,1 милиони куни.

Податоците на Хрватската централна банка, кои се базираат на податоци доставени од комерцијалните банки, исто така покажуваат дека во првата половина на оваа година е забележана загуба на четири банки, што е двојно повеќе отколку во истиот период минатата година.

„Имекс банка” ги заврши првите шест месеци од оваа година со загуба од 19,9 милиони куни, „J&T банка” забележа загуба од 6,1 милиони куни, „Сбербанк” прокнижи загуба од 5,7 милиони куни и „Самоборска банка” го комплетираше вториот квартал од годинава со загуба од нешто повеќе од 1 милион куни.

Податоците на Хрватската централна банка, исто така, покажуваат дека во првата половина на оваа година, вкупните средства на банките во Хрватска се зголемија за 4,35 проценти на годишно ниво, на 444,3 милијарди куни.

Привремените неревидирани податоци на ХНБ за кредитни институции, исто така, вклучуваат податоци за работењето на четири штедилници за домување, кои за првата половина на годината објавија бруто добивка од 12,06 милиони куни, што е за околу 425 илјади куни повеќе отколку во истиот период од минатата година.

Доколку се соберат податоците за работењето на банките и штедилниците за домување, бруто добивката на сите кредитни институции на крајот на јуни годинава изнесуваше 1,996 милијарди куни, додека во истиот период лани изнесуваше 3,812 милијарди куни.