Почитувани читатели на БанкоМетар.мк, ние како Ваш бесплатен кредитен советник и веб сервис кој се грижи за Вашето финансиско здравје и Ви ги преставува кредитните решенија на отворен, јасен и транспарентен начин, сметавме дека е вредно да ја споделиме следнава информација со Вас:

Имено, најавените одлагања на кредитните обврски т.е. ануитети во наредниот период нема да важат за сите. Сите банки уредно на своите веб страни имаат објавено за кои лица ќе важат овие одлагања и сублимирано тоа се следните:

  • лица кои изгубиле работа во изминатиов период од 01.03.2020 до 01.09.2020 и не се вработиле повторно во периодот
  • лица кои во истиот период имаат за 10% пониска плата од онаа пред 01.03.2020 односно од пред почетокот на пандемијата
  • И, лица кои имаат здравствени проблеми предизвикани од вирусот и поради болнички лекувања нивниот семеен буџет е значајно намален ( овие лица ќе треба и да приложат лекарска документација со платени здравствени услуги )

Истите информации можете и лично да ги проверите на следните линкови на најголемите банки во Македонија:  Линк , Линк , Линк , Линк , Линк и да не ги набројувам понатаму, сите се исти.

Поради тоа, ние ја направивме следната анализа, која не е баш најпрецизна, но и се потпира на лабави параметри претежно од Државниот завод за статистика со сите негови маани и нелогичности:

Во Македонија работат околу 600.000 луѓе кои редовно им се плаќа здравствено и социјално осигурување и пензиски се покриени. Овие лица се единствените потенцијални „добитници“ на одложувањето. Тука се и пензионерите но пензиите ниту се откажани, ниту се намалени во наведениот период на пандемијата. Оттука, ако може да му се верува на цифрите, околу 36.000 луѓе ја изгубиле работата во периодов, и под претпоставка дека никој од нив не се вработил во периодов ( што е слабо веројатно ), изразено во проценти овој процент е 6%. Ако на овој процент го додадеме процентот на намалени плати ( и овој процент е минорен, и се движи во делот на статистичка грешка поради зголемувањето на минималната плата и постојаниот притисок платите да одат нагоре – притисок кој неоправдано го прави Владата, според мене ) на оваа цифра можеме да додадеме максимум 2% – по моја слободна проценка. Значи претпоставуваме на 12.000 луѓе во Македонија платите да им се намалени за 10% или повеќе. Се разбира, тука ги ставам и оние вечни манипулатори кои имаат блиски во банките и редовно ги искористуваат за свои интереси. Па ќе се јават многу изговори како: Баци, овој му е кумашин на оној или оваа му е вујна на оној од министерство, или оваа балдаза му на оној од инспекторат… Но сите овие „итреци“ би биле во рамки на статистичка грешка од 2%…

Оттука, можеме да заклучиме дека само на 6-8% од работната сила во Македонија – максимум – може да им бидат по втор пат одложени кредитните ануитети…

Но, не би бил целосно искрен ако не речам : Така требит!

Зошто? Не може па од друга страна да се блокира целиот банкарски систем и неговите вработени а со тоа да се загрози и неговото значење. Овој сектор  е главен двигател на економијата, лубрикант на плаќањата и носител на прогресот. Не може овој сектор да се блокира едноставно административно. Зошто?

Прво, неколку илјади вработени работат во овој сектор. И тие треба да земат плата без да се уништи потенцијалот на банката. Отплатите на кредитите ги создаваат платите за овие луѓе преку каматите.

Второ, банките исто така плаќаат за парите кои ви ги позајмуваат. Дали плаќаат на штедачите преку камата на депозитите ( кои патем не беа укинати и нормално си течат – а никој не се буни за тоа гледам), дали преку камата која ја должат од надворешни кредитори, дали преку дивиденди кои ги должат поради разни докапитализации на инвеститорите, и банките си имаат свои обврски.

Затоа, сметам дека оваа мерка е исправна и ги поддржувам банките и сметам дека граѓаните на земјата ќе бидат фер и одговорни како и банките кои во тешкиот период на пандемијата постапија фер, исправно и по насоките на Народната Банка.

 

Наум Димитровски