Ќе остане на сила Законот со кој мажите задолжително ќе заминуваат во пензија на 64, а жените со навршени 62 години, потврди денеска премиерот Зоран Заев. Можноста да се отиде во пензија со навршени 59 за мажи и 57 години за жени нема да може да ја искористат сите вработени кои ќе сакаат да си ги откупат петте години до пензија. Таква поволност, за порано пензионирање ќе имаат само одредени категории граѓани или вработени во професии за кои ќе реши владата.
„Ние мислиме дека сме социјална држава. Работничките права, работниот век на работниците, имајќи предвид каква ни е структурата на економијата, тежината во градежништвото, во земјоделството, во текстилот, ударните дејности што се во нашата земја, се причините да разговараме за намалување на старосната граница за пензии“, рече Заев.
Синдикалците пак од власта побара жените со полни 35 години стаж и машите со работен век од 40 години без разлика на нивната возраст да може да заминат во пензија. Не е фер текстилната работничка и административниот работник да одат под исти услови во пензија, вели првиот човек на ССМ.
„Бараме: предвремена старосна пензија по возраст, бараме да се воведе правото на работниците за предвремена старосна пензија која би се остварувала по услов од возраста од 57 години за жени и 59 години за мажи со минимум стаж од 15 години како што вели законот. Корисниците на предвремената старосна пензија може да бидат работници кои работат, но не може да продолжат со работата од одредени причини како здравстврни причини, стечај или ликвидација на фирмата“, рече Дарко Димовски, претседател на ССМ.
Пензиските реформи според власта се со цел да се ослободат работни места пред се во администрацијата, а особено во образованието. Но ќе се отвори можност и за вработување во стопанството. Во моментов во земјава има 327 илјади пензионери, а според проектираниот буџет, од државната каса за пензии годинава ќе бидат одвоени нешто над една милијарда евра. Власта тврди дека буџетот на ПИОМ е стабилен и реформите ќе се имплементираат без проблем, но од меѓународните финансиски институции ММФ и Светска банка години наназад добиваме критики за состојбата во Фондот и редовно сугерираат старосната граница за пензионирање во земјава да се зголеми.