Најкусото резиме од крајот на оваа ковид-19 туристичка сезона е дека таа траеше еден и пол месец, а сосема ги смени и навиките, но и гостите. Наместо од мај до октомври, како некогаш, годинава туристичките работници се обидоа да спасат нешто со посетите во август и со една недела во јули и во септември. Секторот, кој до лани живееше и до 70 проценти од странските гости, годинава мораше да се задоволи со домашна клиентела.
Бројките се фрапантно ниски. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во јули 2020 година изнесувал 75.591, а бројот на ноќевањата изнесувал 436.180. Бројот на туристите во јули 2020 година во однос на јули 2019 година е преполовен, а бројот на ноќевањата се намалил за 36,1 проценти. Годинава во јули имало 94,9 проценти помалку странци од лани. Според процените на ХОТАМ, ниту еден хотел не заработил повеќе од 50 проценти од ланските приходи, а кај некои бројките се движат меѓу 10 и 30 проценти. А тоа не е доволно да се покрие годината, која по многу нешта беше специфична
– Што се однесува до туризмот кај нас, тој не се разликуваше многу од состојбата во регионот. Се обидовме нешто да спасиме од сезоната, која годинава траеше 6 недели, но тоа не може да овозможи опстанок за цела година. Од државата добивме финансиска помош за три минимални плати, а се надеваме дека ќе добиеме барем уште две. И ваучерите за домашните гости беа добар потег, бидејќи секоја мерка во вакви услови е добредојдена. Како и да е, приходите на најголемиот број хотели се преполовени во однос на ланската сезона, а кај некои состојбата е уште полоша – сумира Крсто Блажевски, претседател на ХОТАМ.
Затворените граници годинава ја спречија масовноста на странските туристи, кои до лани беа главниот приход на хотелите. Нешто се надомести со домашните гости, кои беа позабележителни само во август.
– Ва почетокот на сезоната, поточно во јули, домашните гости сѐ уште беа скептични и се плашеа, така што имавме резервации само од оние похрабрите. Во август веќе беше постабилно, но тоа е недоволно за да се истурка годината. Не се одржуваа и традиционалните семинари, советувања и конгреси, а свадби воопшто не организиравме – додава Блажевски.
Според него, сега е време да се размислува за следната сезона. Тој апелира да се седне и да се направи анализа за тоа што беше негативно, а што позитивно од ова лето и да се направи добра стратегија за идната година.
– Како што стојат работите, а тоа го предвидуваат и странските експерти, ковид-19 нема да исчезне и со пандемијата ќе треба да живееме и во наредните години. Затоа треба да се размислува како да го рехабилитираме туризмот и да ги увериме странските гости дека е безбедно да нѐ изберат како дестинација – смета Блажевски.
Туристичките ваучери да се користат до март 2021 година
Неискористените ваучери за туризам, наместо до 15 декември годинава, да може да се користат до 15 март 2021-та, е предлогот на хотелиерите до Министерството за економија. Со ваучерите за туризам, освен хотелите, може да работат и сите што поседуваат вили, апартмани, како и регистрираните и категоризирани станоиздавачи.
Би било добро да се продолжи рокот за искористување на ваучерите за да се опфатат и сместувачките капацитети во зимскиот период. Има хотели што работат исклучиво во сезоната на скијање, па ова ќе биде еден вид поткрепа и за нив – вели Крсто Блажевски, претседател на ХОТАМ.
Меѓу другото, Блажевски додава дека ќе бараат да се дозволи и префрлање на неискористените ваучери во рамките на потесното семејство. На тој начин, според него, ќе се избегнат манипулациите за кои сведочевме летоска (препродажба на ваучери за пари), а ќе се стимулира и искористеноста на оваа помош.
– Зошто, на пример, да не може баба да префрли ваучер на внук – прашува Блажевски.
Или сите да организираат свадби или никој
Додека хотелите и специјализираните објекти за организирање приватни веселби (свадби и крштевки) доследно ја почитуваат одлуката на Комисијата за заразни болести и не организираат вакви настани, јавна тајна е дека свадби масовно се организираат во приватни куќи. Сето ова создава дополнителна нелојална конкуренција за хотелиерите и за угостителите.
– Музика се слуша од секаде, а граѓаните како веќе да престанаа да веруваат во постоењето на ковид-19. И додека ние не работиме, некои си прават веселби на ангро. Затоа е неопходно да се креираат прецизни протоколи за работа за сите дејности, со цел да им се овозможи на сите еднакво да функционираат во контролирани услови по квалитетно утврдени правила. Или, пак, доколку остане цврстиот став да не се организираат свадби, тогаш институциите да ги зајакнат контролите – вели Блажевски.
Почна исплатата на фактурите за искористените ваучери
Исплатата на фактурите за искористените ваучери оди според планираната динамика и јулските се веќе исплатени, велат од Министерството за економија.
– Досега се искористени нешто повеќе од 32.000 ваучери за поддршка на домашниот туризам. Фактурите што не се комплетни или немаат целосна документација останаа неисплатени до моментот на комплетирање од страна на странките. Досега во Министерство за економија се пристигнати близу 7.000 фактури, од кои повеќе од 70 проценти се процесирани со решение за исплата, а остатокот се проверуваат. Во однос на доцнењето на исплатата, тоа беше во текот на јули кога имавме избори. Ова траеше до формирањето на новата влада и именувањето министри. По добивање на овластување од министерот, во моментот исплатата на фактурите се одвива според динамиката – велат од ресорот економија.
За потсетување, требаше да бидат издадени 117.122 ваучери за домашен туризам, кои треба да бидат искористени до 15 декември. Тие можеа да се користат во 4.286 угостителски објекти за сместување. Инаку, според оваа владина мерка, граѓаните што ги исполнуваат пропишаните критериуми добија ваучер од шест илјади денари.