Повеќе од половина од малите и средни фирми, кои заедно вработуваат две третини од европските работници, се плашат дека можат да банкротираат во следните 12 месеци, покажа истражувањето на консултантската компанија Мекинзи во четвртокот.
Анкетата беше спроведена во август, пред уште едно нагло ширење на инфекција со коронавирусот низ Европа што ги принудува владите да размислат за нови ограничувања на активностите и ги охрабруваат шпекулациите за повторно затворање на цели земји.
Соопштението навреме се совпадна со честите предупредувања за неизбежен бран на банкрот и повици од Меѓународниот монетарен фонд и други организации до европските влади да ја удвојат државната помош за да им се помогне на компаниите да ја преживеат пандемијата.
Дури 55 проценти од раководните лица на околу 2.200 мали и средни компании во Франција, Германија, Италија, Шпанија очекуваат да го стават клучот во бравата до септември 2021 година, доколку приходите останат на сегашното ниво, покажа истражувањето на Мекинзи.
Сегашниот тренд покажува дека во следните шест месеци секоја десетта мала и средна компанија ќе поднесе барање за банкрот.
„Ова претставува значителен товар за финансискиот сектор“, коментира коавторот Здравко Младенов за една од последиците од ваквиот развој на настаните, покрај понатамошниот раст на бројот на невработени и пресушувањето на инвестициите.
Економистите анкетирани од Ројтерс во септември предвидуваат дека економијата на еврозоната ќе порасне само за 5,5 проценти во 2021 година, по пад од 8 проценти оваа година, но предупредуваат дека дури и тоа нецелосно закрепнување е доведено во прашање со оглед на понатамошното ширење на вирусот.
Малите и средни претпријатија во Европа вработуваат вкупно повеќе од 90 милиони луѓе, но поради малиот број работници и скромниот обем на деловни активности, тие се особено вознемирени од проблемите со готовинскиот тек. Во Шпанија, 83 проценти од 85.000 компании кои банкротираа од февруари, имаа помалку од пет работници.
Европските влади досега одржуваа илјадници проблематични компании со низа мерки, од мораториум за прогласување банкрот до одложување на отплатата на кредитите. Сепак, некои почнаа да ги укинуваат, па германските и британските централни банки, меѓу другите, предупредија на закана од бран на банкрот.
„Официјалните лица мора да сторат се што е потребно за да се спречи пандемијата и штетата што таа и ја предизвикува на економијата и не смеат да ја повлекуваат поддршката прерано за да избегнат повторување на грешката направена во светската финансиска криза“, рече ММФ во објавата во блогот во неделата.
„Мерките за поддршка на компаниите мора да одат подалеку од поддршката за ликвидност и да осигурат дека несолвентните, но одржливи компании можат да продолжат да работат“, додадоа тие, предлагајќи преструктуирање на долг и инвестиции во капитал.
Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк