Податоците од публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“ покажуваат дека и во новата грејна сезона дури 62 отсто од вкупниот број македонски домаќинства користат дрва за греење.

Околу 29 отсто користат електрична енергија, а само осум проценти се приклучени на централно парно греење.

Греењето со огревни дрва, според експертите, се уште е економски најисплатливо, а со електрична енергија е еколошки најприфатливо.

Просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Доколку се подели вкупната дрвна маса што се сече на годишно ниво со бројот на кубните метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130 000 домаќинства се греат на огревно дрво.