Јавниот долг во Европската унија и во еврозоната нагло се зголеми во вториот квартал поради зголемените потреби за финансирање од страна на земјите за ублажување на ефектите од пандемијата на корона вирусот, покажа извештајот на Евростат.

На ниво на ЕУ, јавниот долг како дел од БДП се искачи на 87,7 проценти во вториот квартал, од 79,4 проценти во првите три месеци од оваа година. Во еврозоната скокна од 86,3 на 95,1 процент.
Во периодот од април до јуни, целосно дојде до израз потребата на земјите од ЕУ за финансирање со цел да се потисне ширењето на пандемијата на корона вирусот и да се ублажат економските последици од мерките за затворање, забележува Евростат.

Уделот на јавниот долг во БДП нагло се зголеми како резултат на големото зголемување на јавниот долг и падот на БДП, посочуваат европските статистичари.