Со крајна цел да се олесни процесот на издавање, пренос и прием на фактура, ќе се даде можност за користење на фактура во електронска форма – pdf или друг електронски формат – се предвидува во измените на Законот за данокот на додадена вредност кои беа усвоени од страна на Владата.

Слично решение од страна на Владата стапи на сила и пролетоска со донесената Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност која се применуваше за време на траењето на вонредната состојба. Во тоа време даночните обврзници имаа можност фактурите, покрај во хартиена форма, да ги издаваат и во електронска форма. Ова е со цел да се олесни работењето на даночните обврзници, како и да се спречи користењето на хартија со цел намалување на ризикот од ширење на коронавирусот COVID-19.

Дополнитлено, според измените од 1 јануари ќе се изврши ослободување од данок на додадена вредност за донации дадени кон буџетски корисници за справување со коронавирусот КОВИД-19. Исто така ќе се одложи рокот за плаќање ДДВ заради ликвидносна поддршка на компаниите.

Од 1 јануари 2021 година, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 10% за продавањето храна и пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци.

Исто така од 1 јануари 2021 година, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 5% за определени занаетчиски услуги коишто се вршат од страна на занаетчии коишто се запишани во занаетчиски регистар.