Нови 38 договори и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 53,4 милиони евра од кои 29,4 милиони евра се планирани инвестиции по новите 38 договори во текот на минатата недела се потпишани со компании во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кои се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиската поддршка на инвестициите, најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Осум од компаниите или 21 отсто се од Скопје и од општините што гравитираат кон главниот град, а другите се од: Битола, Кочани, Струмица, Прилеп, Тетово, Гостивар, Велес, Куманово, Охрид, Струга, Штип, Боговиње, Виница, Делчево, Кавадарци и Неготино. Најголем дел од нив 53 отсто или 20 компании се мали  фирми до 50 вработени, по што следуваат средните компании со 26 отсто, 13 отсто се микрокомпании, а најмалку – осум отсто се големи компании.

– Рамномерната регионална распределба на компаниите и структурата по големина покажуваат дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите дава еднаква можност за сите компании во земјата. Ова се инвестиции што компаниите ги прават во време на светска криза предизвикана од ковид-19. Ги поздравувам одлуките на овие 48 компании, кои решија да реализираат нови инвестиции, со што ќе продолжи трендот на нивен раст, ќе се отворат нови работни места и ќе се зголеми конкурентноста на компаниите на домашниот, но уште поважно и на меѓународните пазари – рече Битиќи.