Од почетокот на следната недела компаниите ќе можат да аплицираат за сите мерки од четвриот сет антикризни економски мерки што го донесе Владата за справување со последиците од коронавирусот Ковид-19, најави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.
– Утре треба да се усвои ребалансот на Буџетот, а во текот на оваа недела ќе се изгласа и Законот за финансиска поддршка за исплата на плати. Од следната недела компаниите ќе може да аплицираат, не само за оваа мерка, туку и за останатите мерки имајќи во предвид дека голем дел од мерките се спроведуваат преку програми кои што треба да ги донесе Владата и за нив треба да бидат објавени огласи, рече Бектеши во гостивање на ТВ Телма.
Тој нагласи дека четвртиот сет мерки не е задоцнет, а финансиската поддршка, како што кажа, ќе стигне навреме, но за разлика од првите три сета, четвртиот сет на мерки е преточен во законски решенија, кои согласно законските процедури мора да бидат изгласани во Собранието.
-Сега не сме во вондредна ситуација, за да можеме како Влада да носиме уредби со законска сила. Треба да се поминат сите процедури во Собранието и ребалансот на Буџетот, појасни Бектеши.