Акциите на европските берзи паднаа во средата наутро, откако американскиот претседател Доналд Трамп прогласи победа на изборите и рече дека ќе оди на суд ако се обидат да му ја украдат победата.

Индексот STOXX 600 на водечките акции во Европа падна за околу 1 процент во 9.30 часот.

Лондонскиот индекс FTSE падна за 0,15 проценти на 5.782 поени, додека франкфуртскиот DAX падна за 1,05 проценти на 11.960 поени, а парискиот CAC 0,30 проценти на 4.791 поени

Откако порасна над 1 процент рано утрово, индексот на американскиот фјучерс S&P 500 во моментов е во пад повеќе од 1 процент.

Свртувањето на насоката на индексот се случи откако претседателот Трамп прогласи победа на изборите во обраќањето пред приврзаниците.

Тој исто така рече дека се обидуваат да му ја украдат победата и дека доколку е потребно ќе се обрати до Врховниот суд.

Демократскиот кандидат Бајден и се обрати на јавноста пред Трамп, велејќи дека очекува да победи на изборите, но исто така рече дека пребројувањето на гласовите може да трае некое време.

Нестабилноста на пазарот е последица на несигурноста околу тоа дали ќе има правна битка за тоа кој победи на изборите.

На берзата во Токио, индексот Никеи порасна за 1,7 проценти, на 23,695 поени.