Европската Комисија најави дека се селектирани 23 проекти во рамките на програмата Хоризонт 2020 на ЕУ што ќе добијат вкупно 128 милиони евра за справување со пандемијата и нејзините последици, јави дописничката на МИА од Брисел.

Овие грантови се обезбедени за проекти, како зајакнување на индустриските капацитети за медицинска опрема, спречување и лечење на коронавирусот, развој на медицински дигитални технологии, како и за проекти поврзани со последиците од пандемијата врз најранливите групи во општеството, информираат од Европската Комисија.

Селектираните проекти вклучуваат тимови од 39 земји ширум европскиот континент и учесници од земјите на ЕУ како и од 15 земји вон ЕУ.

-Овие истражувања се суштински за подобро справување со разните аспекти на оваа и идните пандемии, за да го зголемиме нашиот капацитет да реагираме брзо за спречување на заразата, да ги подобриме дијагнозата и лечењето, и да преземаме подобри мерки за ублажување на последиците земајќи ги предвид однесување, социјалните и економските аспекти, изјави еврокомесарката за иновации, Марија Габриел.