На меѓународните валутни пазари минатата недела доларот нагло падна како последица на верувањето на инвеститорите дека Банката на федерални резерви (ФЕД) на САД во септември нема да ги зголеми каматните стапки, а поради остриот пад на цените на акциите на берзите зајакнаа валутите кои се сметаат за безбедни засолништа за капитал.
Девизниот курс на еврото минатата недела во однос на американската валута се зголеми за 2,5 проценти, на 1,1390 $, на највисоко ниво во два месеци.
Вредноста на доларот ослабе и во однос на јапонската валута за 1,8 проценти на 122,05 ¥, најниско ниво во последните шест недели.
Еврото, пак, зајакна во однос на јенот за 0,6 проценти на 138,90 ¥.
Притисокот врз доларот е резултат на спласнувањето на очекувањата дека ФЕД во септември ќе ги зголеми клучните каматни стапки.
Поради ниската инфлација и опасноста од дефлација, како и поради слабостите на кинеската економија, многу е веројатно дека ФЕД ќе го одложи зголемувањето на каматите до крајот на оваа година или почетокот на следната година, сметаат многумина аналитичари.
Сите нови податоци укажуваат на загрижувачко забавување на кинеската економија. Индексот за производство PMI во Кина во август падна на најниско ниво во последните шест години и пол години па кај инвеститорите се прошири стравот од застој кај втората по големина економија во светот, што би можело да го забави растот на целата глобална економија.
Од друга страна, големиот пад на цените на акциите на светските берзи и падот на цените на суровите материјали, доведоа инвеститорите да го пренасочат својот капитал кон инвестициите кои се сметаат за безбедни засолништа во несигурни времиња, како што се на јапонската и европската валута.
Сепак, аналитичарите не очекуваат уште посилен пораст на еврото во однос на доларот, додека Европската централна банка (ЕЦБ) води исклучително лабава монетарна политика, додека во САД се очекува монетарна стега.