На меѓународните валутни пазари минатата недела курсевите исклучително флуктуираа откако инвеститорите поради потресот на пазарите на почетокот на неделата побараа засолниште во побезбедни валути, како јапонскиот јен, но кога потресот се смири, тие валути повторно ослабнаа.
Девизниот курс на еврото минатата недела ослабна во однос на американската валута за 1,8 проценти, на 1,1180 $. Еврото ослабна и во однос на јапонската валута за 2 проценти на 136,10 ¥.
Доларот во однос на јенот ослабе за 0,3 проценти на 121,70 ¥.
Поради остриот пад на цените на акциите на светските берзи, предизвикан од стравот од последиците од ненадејното забавување на кинеската економија на почетокот на минатата недела инвеститорите побараа засолниште во инвестиции кои се сметаат дека се побезбедни во неизвесни времиња.
Како резултат на тоа, силно зајакна јапонскиот јен и доларот се спушти на само 116,15 ¥, што е најниско ниво во изминативе седум месеци.
Вредноста на доларот нагло падна и во однос на европската валута и за прв пат по седум месеци се проби над нивото од 1,1700 $.
Сепак, во средината на неделата берзите се стабилизираа, па валутите засолниште на капитал изгубиа на вредност, а доларот ги неутрализира сите загуби во однос на еврото.
По смирувањето на превирањата на глобалните финансиски пазари, доларот доби поддршка од страна на податоците кои укажуваат на забрзување на растот на американската економија.
Тоа, пак, ги зголеми очекувањата дека ФЕД до крајот на годината ќе ги подигне клучните каматни стапки.