Цените на нафтата на меѓународните пазари се спуштија под 49 $, откако во фокусот на пазарот повторно е прекумерната понуда и стравувањата од наглиот пад на економскиот раст на Кина.
На лондонскиот пазар цената на нафтата падна за 1,14 $ во однос на претходното затворање, на 48,91 $. На американскиот пазар се тргува на 81 центи пониска цена, од 44,41 $.
Кина се уште е под лупа, а кинеските берзански индекси остро паднаа во понеделникот во пресрет на објавувањето на официјалното истражување за активностите на кинеската индустрија во август, за кое аналитичарите предвидуваат најголем пад во последните три години.
Цените на нафтата се притиснати и од прекумерната понуда, поврзани со осетното зголемување на производството во САД и напорите на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) да го брани пазарниот удел со зголемено производство.
Прогнозите на ОПЕК укажуваат на тоа дека во моментов понудата ја надминува побарувачката за повеќе од два милиони барели дневно. Притоа производството следната година ќе биде дополнително зголемено по укинувањето санкциите врз Иран.