На меѓународните девизни пазари минатата недела, вредноста на доларот се најде под притисок откако американската централна банка ФЕД го одложи зголемувањето на каматните стапки, додека поради неизвесноста во однос на глобалната економија зајакнаа валутите засолниште, како што е јапонскиот јен.
Девизниот курс на доларот во однос на јенот минатата недела се намали за 0,5 проценти на 119,95 ¥. И еврото ослабе во однос на јапонската валута за 0,9 проценти на 135,50 ¥. Европската валута ослабе и во однос на американскиот долар за 0,3 проценти на 1,1305 $.
Со оглед дека повеќето аналитичари очекуваа ФЕД да ги задржи клучните каматни стапки непроменети, вредноста на доларот во четвртокот, кога ФЕД тоа го објави сепак се најде под притисок.
Во еден момент, курсот на еврото скокна за прв пат по три недели, и далеку над нивото на 1,1400 $.
Највлијателната централната банка во светот сепак ја остави отворена можноста за зголемување на каматната стапката до крајот на оваа година, а тоа треба да има позитивно влијание врз американската валута.
Претседателката на ФЕД Janet Yellen предупреди на несигурност во однос на растот на глобалната економија, што предизвика остар пад на цените на акциите и другите ризични инвестиции, па инвеститорите го пренасочија својот капитал кон инвестициите кои се сметаат за побезбеден рај во неизвесни времиња.
Како резултат на тоа, минатата недела јапонската валута зајакна во однос на доларот и еврото.
“Со оглед на тоа дека огромното мнозинство на челници на ФЕД сеуште очекуваат каматните стапки да се зголемат оваа година, доколку залетот на американската економија е одржлив, ние стоиме зад нашите предвидувања на зголемување на каматните стапки во декември. Иако Yellen, изјави дека и октомври останува како можност, се сомневаме дека економските показатели до тогаш ќе бидат доволни за да се одлучи за зголемување на каматните стапки “, оценуваат аналитичарите на Rabobank.