Германската канцеларка Ангела Меркел и бугарскиот премиер Бојко Борисов отворено се спротивставија на поостри казни, велат дипломатски извори.

Германија и Бугарија спречија поостри санкции против Турција за време на самитот на ЕУ во четвртокот (10 декември), изјавија дипломатски извори за „Еурактив“.

„Германската канцеларка Ангела Меркел и бугарскиот премиер Бојко Борисов беа европските лидери кои отворено се спротивставија на санкциите против Анкара“, велат изворите.

Други земји, како Шпанија, Италија, Малта и Унгарија, исто така се спротивставија на ваквите санкции, без тоа отворено да го изразат, додаваат изворите.

Австрија ги поддржа санкциите, додека Франција, која сакаше силен одговор на ЕУ против Анкара, рече дека ја ублажила својата реторика за време на состанокот.

Лидерите на ЕУ велат дека ја осудуваат турската агресија и нејзините еднострани активности во Источен Медитеран. Сепак, во пракса, тие заземаат мека позиција, давајќи и на Анкара нов тримесечен грејс период.

Сепак, европските лидери одлучија да додадат нови имиња на турски поединци и компании на црната листа што е моментално воспоставена за „неовластено“ дупчење на турски гас на Кипар.

На завршниот самит, европските лидери го проширија списокот на санкционирани лица и се согласија да подготват извештај до март 2021 година за состојбата на односите меѓу Турција и Европската унија во областите од политика до трговија. Брисел најави и дека ќе ги координира своите активности кон Анкара со новата администрација на Соединетите држави.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган, пак, им се заблагодари на оние земји-членки кои придонесоа за олеснување на санкциите.

“Разумните земји-членки на ЕУ ја спречија играта против Турција. На следниот самит во март, се очекува повторно да се дискутира за ова прашање. Мора да кажеме јасно и отворено: Ништо не може да се реши против Турција на следниот самит. во Брисел “, рече Ердоган.