За полесно пребродување на кризата помош добиваат и естрадни уметници, танцови и младински здруженија, приватни градинки и превозници, школи за странски јазици, ноќни клубови, организатори на свадби, но и МЖ Транспорт, ЈП Државни патишта, ГТЦ и АД Водостопанство

Со помош за плати, субвенции, грантови… во висина од осум милиони евра дополнет е четвртиот пакет владини антикризни мерки. Овие пари ќе ги добијат разни приватни бизниси, здруженија и слично, погодени од кризата, но и јавни претпријатија и државни акционерски друштва.

Од Владата информираат дека со овој најнов ковид-пакет се опфатени естрадни уметници кои ќе добијат две бруто минимални плати, танцови здруженија на кои ќе им се доделат грантови од по 2.000 евра, приватни градинки за кои се предвидени по 1.500 денари по згрижено дете за период од 6 месеци, организатори на свадби, кои еднократно ќе добијат по 90.000 денари, едукативни центри за деца за кои се предвидени грантови од по две бруто плати по вработен, потоа центри за странски јазици, ноќни клубови, вработените во младински организации. Дел од дополнително одвоените средства ќе има и за  лиценцираните превозници со лиценци за 376 автобуски линии и за приватните компании кои вршат јавен превоз во Скопје.

Скалеста финансиска помош од 14.500 до 21.500 денари е предвидена и за самостојни уметници, филмски работници и уметници стручни соработници, за што повик ќе објави Министерството за култура.

Од овој пакет околу 1,8 милиони евра ќе добие МЖ Транспорт, а три милиони евра ЈП Државни патишта. Исто така, ГТЦ АД Скопје во наредните два месеци за полесно пребродување на корона кризата за 260 вработени ќе добие околу 145 илјади евра. Помош за две плати ќе добие и АД Водостопанство за 598 вработени.

-Одобрени се 8 милиони евра повеќе во Пакетот 4 за поддршка за справување со последиците од ковид-19 за дополнителни категории граѓани и компании. Вака одлучи Владата на 28-та седница. Владата им излезе во пресрет на барањата и иницијативите на повеќе субјекти погодени од кризата и на предлог на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, во соработка со претседателот на Владата и Генералниот секретаријат донесе одлука за дополнителниот сет на мерки во вкупен износ од 488.803.928,00 денари, односно околу 8 милиони евра, објави владината прес-служба.