Цените на нафтата на меѓународните пазари се зголемија, откако Русија најави дека е подготвена да се состане со другите производители и да дискутираат за состојбата на пазарот во контекст на прекумерната понуда.
На лондонскиот пазар сурова нафта се зголеми за 50 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 48,63 $. За истиот износ се зголеми и на пазарот во САД, каде што се тргуваше за 46,04 $.
Цените на нафтата се поддржани и од податоците за петтиот неделен пад по ред на активните бушотини во САД.
Русија минатиот викенд испрати сигнал дека тие се подготвени да се состанат со другите земји-производители за да разговараат за ситуацијата на пазарот на нафта.
Москва е подготвена да се состане со производителите од Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и другите земји, доколку биде организиран таков состанок, изјави рускиот министер за енергетика. До крајот на октомври планирано е да се организира одвоен состанок помеѓу руски и саудиски претставници, додаде министерот.
Русија е една од трите најголеми производители на нафта во светот и досега не беше подготвена да преговара за намалување на производството за поддршка на цените. Москва во ноември минатата година одби да соработува со ОПЕК, поставувајќи ја како приоритет одбраната на уделот на пазарот.
Руското производство на нафта во септември достигна нов рекорд на месечно ниво по распадот на Советскиот Сојуз од 10.74 милиони барели на ден и покрај падот на цените на суровата нафта во август на најниско ниво во последните шест и пол години.
Москва ги налути водечки производители во ОПЕК и другите земји во регионот на Персискиот Залив со поддршката на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во форма на воздушни напади врз позициите на терористичките групи во Сирија.
“Поради геополитичките тензии создадени од страна на руската интервенција во Сирија соработка со ОПЕК е малку веројатна. Сепак, дискусиите за таквата соработка дадоа поддршка на цените на краток рок”, изјави Tamas Varga од PVM Oil Associates од Лондон.
“Се чини дека барањето на Русија за разговори ги подгреаја очекувањата кај инвеститорите за евентуален договор за намалување на производството во текот на постапката на балансирање на пазарот”, изјави Yoo-Jin Kang аналитичар во NH Investment&Securities од Сеул.