Цената на златото достигна највисоко ниво во последните три и пол месеци, достигнувајќи 1174 $ за унца. Причина е одлуката на ФЕД да го одложи зголемувањето на каматните стапки и побарувачка во Кина, како начин за заштита на заштедите.
ФЕД се одлучи на ваква мерка, поради послабиот извоз на САД во време на зголемен увоз од Азија и анемичната светска економија. Златото и другите благородни метали како инвестиции се особено атрактивни во последниве години поради ниските каматни стапки на другите инвестициски класи.
Со оглед на тоа дека трговскиот дефицит на САД достигна највисоко ниво во последните 5 години, а и ММФ одлучи да ги намали предвидувањата за глобалниот економски раст, како резултат на ниските цени на стоките и на забавувањето на кинеската економија, ФЕД не се осмелува да ги зголеми каматните стапки, дури и симболични 0,25% и сега зголемувањето на каматните стапки се очекува дури следната година, доколку нема забавување на економскиот раст.
Така се намалува вредноста на доларот, што го прави златото доста атрактивна инвестиција. Другите чести скапоцени метали инвестиции (сребро, паладиум, платина), исто така се тргуваат на цени во близина на највисоко ниво во последните неколку месеци.
Кон златото, а во помала мера другите метали, обично се пристапува во време на неизвесност, но во сигурни времиња, кога цената е ниска, со ветувачки раст, тоа е најдобра исплатлива инвестиција.