На меѓународните валутни пазари минатата недела курсот на доларот во однос на еврото значително варираше, па во почетокот се спушти на најниското ниво во последните седум недели, а до крајот на неделата ги неутрализираше сите загуби.
Доларот минатата недела благо зајакна во однос на европската валута за 0,1 проценти на 1,1350 $. Но во однос на јапонската валута доларот ослабна за 0,7 проценти, на 119,45 ¥. И еврото ослабна во однос на јенот за 0,8 проценти на 135,55 ¥.
На почетокот на минатата недела вредноста на доларот беше под притисок од големиот број на послаби од очекуваните индикатори на најголемите економии во светот, особено во Кина, затоа што поради тоа е се повеќе веројатно ФЕД да го одложи зголемувањето на каматните стапки до следната година.
Во четвртокот наутро долар индексот, што укажува на вредноста на доларот во однос на шестте големи валути, падна на 93,80 поени, што е најниско ниво од крајот на август.
Притоа девизниот курс на доларот падна на 118 јени, што е најниско ниво во последните седум недели, додека еврото скокна на 1,1495 $, на највисоко ниво во последните седум недели.
Меѓутоа, подоцна во четвртокот, официјален претставник на Европската централна банка (ЕЦБ) Евалд Новотни изјави дека очигледно се потребни дополнителни инструменти за поттикнување на растот на цените во еврозоната.
Тоа беше интерпретирано како најава на натамошно олабавување на монетарната политика во еврозоната и девизниот курс на еврото нагло падна.
Покрај тоа, беше најавено дека индексот на потрошувачки цени во САД без цените на храната и енергијата во септември се зголемил за 0,2 проценти, односно 1,9 проценти на годишно ниво што е во близина на целното ниво на ФЕД.
И додека кон еврото доларот ги надомести загубите, во однос на јапонската валута доларот ослабна на неделна основа. Но не се очекува овој тренд да продолжи, бидејќи аналитичарите сметаат дека јенот е под притисок на продажбата пред редовното заседание на Банката на Јапонија на 30 октомври, кога се очекува намалување на долгорочните прогнози за јапонската економија и движењето на потрошувачките цени.