Нова Љубљанска банка ги доби сите потребни дозволи за преземање на уделот од 83% во Комерцијална банка А.Д. Београд, во согласност со договорот од февруари, објави банката вчера.
Во соопштението се наведува дека преземањето на Комерцијална банка А.Д. Београд, која НЛБ банка ја купува од државата Србија за 387 милиони евра, се очекува да заврши до крајот на годинава.
Потсетуваме дека НЛБ го назначи Управниот одбор на Комерцијална банка на вонредно собрание на акционери на 11 декември.
Управниот одбор, кој брои девет члена, ќе го води членот на Управниот одбор на НЛБ банка, Арчибалд Кремсер, а во него ќе биде вклучен и претседателот на НЛБ банка, Блаж Бродњак.
Претходно беше потврдено дека НЛБ ќе плати 395 милиони евра во српскиот буџет на 30 декември за Комерцијална банка, со што ќе се заврши процесот на нејзино преземање. Трансакцијата ќе биде завршена на 30 декември со потпишување на неколку документи.
Народната банка на Србија претходно даде согласност на словенечката НЛБ за стекнување со директна контрола врз сопственоста во Комерцијална банка, што создаде услови за реализација на преземањето на Комерцијална банка. Постапката по тоа барање на Нова Љубљанска банка д.д. за стекнување сопственост во Комерцијална банка заврши на 9 декември.
Околу 60 милиони евра веќе се исплатени на државата преку дивиденда, а исплатата на заостанатите дивиденди беше еден од условите за затворање на трансакцијата.
Покрај 387 милиони евра, Србија ќе заработи вкупно околу 460 милиони евра за 83,2 проценти од акциите во државна сопственост до завршувањето на преземањето на Комерцијална банка А.Д. Београд.
Од веќе примените 60 милиони евра или околу седум милијарди динари, 3,7 милијарди динари се однесуваат на договорната обврска за дистрибуција на половина од добивката за минатата година преку дивиденда.
Приватизацијата на Комерцијална банка А.Д. Београд е дел од договорот на ММФ со Србија, кој истекува на крајот на годината.