Кина објави дека ќе преземе контрамерки како одговор на најавата на Њујоршката берза дека ќе исклучи три големи кинески телекомуникациски компании од трговијата, што е последната епизода од затегнатите односи меѓу Пекинг и Вашингтон.

Берзата во четвртокот објави дека ќе ги исклучи „Кина телекомуникации Корп“, „Кина мобилни комуникации“ и „Кина уником Хонг Конг“ и тргувањето со нивните акции ќе биде прекинато во периодот од 7 до 11 јануари.

Овој потег произлезе од наредбата издадена од претседателот Доналд Трамп на 12 ноември, со која се забрануваат инвестиции во трговски друштва за коишто американската влада вели дека ги поседува или контролира кинеската војска.

„Кина се спротивставува на американската злоупотреба на државната безбедност со вклучување кинески компании на т.н. список на „Воени претпријатија на комунистичка Кина“и преземање на неопходните контрамерки за решителна заштита на легитимните права и интереси на кинеските компании“, соопшти Министерството за трговија во Пекинг.

Акцијата на Вашингтон „во голема мера ќе ја ослаби довербата на сите кон американскиот пазар на капитал“, се вели во кинеското соопштение.

Министерството не даде детали за тоа кои мерки треба да се преземат.

Администрацијата на Трамп, особено во последните неколку недели од неговото владеење, ги зајакна економските санкции и го забрани патувањето за кинески бизнисмени, државни службеници и претставници на Комунистичката партија.

Во декември, САД објавија намалување на важноста на визите за членовите на Комунистичката партија на Кина и нивните семејства од десет години на еден месец.

Кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“ беше исклучен од американскиот пазар и САД лобираа да бидат забранети од други земји, во кои имаа само делумен успех.