Од почетокот на пандемијата на корона вирусот, некои стопански гранки доживеаја вистински пад, како што се туризмот, угостителството или транспортот, додека други практично „процветаа“ – како доставата на храна, опремата за вежбање, трговија преку Интернет… Се појавија многу активности кои порано практично не постоеја. а околностите во кои живееме повеќе од девет месеци ги принудија сите учесници на пазарот да се прилагодуваат од ден на ден.

Така, продавачите ја забрзаа својата логистика и отворањето на интернет продавници, а клиентите дознаа дека од фотелја можат да нарачаат речиси сè што има во физичка продавница и дека ова е најдобриот начин за да избегнат голема гужва и ризик од пренесување на вирусот, пишува Блиц.

Еве ги работните места кои беа најпрофитабилни во текот на 2020 година и каква е нивната перспектива во следните години.

Испорака на храна

Во првиот бран на пандемијата, кога сите беа исплашени и избегнуваа контакти, најлесно беше да се нарача храна до влезната врата. Од нарачка на пица и готови јадења, се премина на нарачување свежи намирници од супермаркет, а во целата приказна најмногу профитираа апликациите за достава и курирските услуги, кои едноставно не можеа да постигнат толку голем обем на работа.

Рестораните и продавниците брзо се прилагодија на моменталните околности и започнаа да нудат сè што може да се донесе.

Судејќи според огромниот раст што овој сектор го постигна во изминатите месеци, но и според намалената побарувачка за нивните услуги, се чини дека обложувањето за ваков тип на деловна активност ќе биде прилично безбедна инвестиција некое време.

Опрема за вежбање дома

Кога сè запре одеднаш во март и во април, спортските сали беа привремено затворени, па спортистите и рекреативците мораа да се снаоѓаат за да продолжат да вежбаат. Убавото време им дозволи да одработат дел од својот тренинг надвор, но имаше и денови кога не беше можно да се оди во парк, на патеката за вежбање или на полигонот, а за некои дневниот распоред не го дозволуваше тоа. Затоа полиците на спортските продавници беа испразнети многу брзо со сета можна опрема за вежбање дома – од душеци за јога, пружини и тегови, сè до собни велосипеди и траки за трчање.

Покрај тоа, се набавуваа и патики, тренерки, дуксери, така што продавачите на спортска опрема беа навистина во плус на почетокот на пандемијата.

Велосипеди

По воведувањето на строг карантин во текот на пролетта, луѓето поминуваа многу време во затворени простории, а многумина работеа и од дома, па сакаа да го искористат секој слободен момент за да бидат надвор. Освен пешачењето во природа и обидот да се зачува физичката оддалеченост за време на рекреацијата, возењето велосипед стана еден од омилените спортови. Тоа беше добар начин да се оди малку надвор од градот или барем надвор од населбата и секојдневната околина, па затоа продавачите беа претрупани од барањата на велосипедистите.

Покрај рекреацијата, многумина одлучија да го заменат секојдневниот градски превоз со поздрав и побезбеден (без вируси) начин на превоз – велосипедот. Во зависност од околината во која живеат, секој што може да си го дозволи тоа, ги искористи тековните ограничувања за да воведе една уште добра навика.

Бидејќи стравот од масовни собири и возења со автобуси или трамваи сè уште е присутен, прогнозите велат дека продавачите на велосипеди и опрема за велосипеди ќе бидат меѓу „победниците“ на пандемијата во наредниот период.

Техничка опрема за работа од дома

На почетокот на пандемијата, повеќето компании се префрлија на работа од дома, барем делумно, затоа беше потребно да се организира секојдневна комуникација, но и да се набават сите технички уреди, за да можат вработените да продолжат да работат без застој. Дотогаш, малку познатиот Зум, алатка за видео состаноци и конференции, одеднаш стана најбараната апликација во светот. Сите користеа зум, и за деловни состаноци и за виртуелни собири со пријатели и роднини. Така, вредноста на компанијата се зголеми за повеќе од 300 проценти за само неколку месеци.

Побарувачката растеше и за лаптопите, таблетите, принтерите и друга неопходна опрема, па затоа продавачите често се жалеа дека немаат производи во магацините.

Интернет продавница

Интернет-шопингот, кој веќе подолго време беше во голема експанзија, доживеа вистински бум на почетокот на пандемијата. Имено, луѓето се обидоа да избегнат големи гужви и да ги почитуваат препораките на лекарите, па затоа порачуваа сè што е достапно на Интернет. Одеднаш, електронското купување веќе не беше интересно само за облека, обувки и некои мали технички додатоци, но исто така беа нарачувани домашни апарати, храна, опрема, лекови

Исто така, сега не порачуваат само младите и технички „потковани“ клиенти, туку и повозрасните, во сите делови на земјата, дури и од странство, за родители или роднини.

Фармацевтски компании

Здравствената криза ги принуди сите да размислуваат повеќе за своето здравје, па затоа значителен скок на прометот имаа и фармацевтските компании и аптеките. Луѓето секојдневно се снабдуваа со заштитна опрема и со средства за дезинфекција, но и со разни додатоци за зајакнување на имунитетот, а некои од нив се обидоа да направат помали залихи на лекови за превенција.

Хонорарни работни места

Глобалната платформа за плаќање што ја користат хонорарците (фриленсерите), „Пајонир“, објави студија која покажува дека КОВИД-19 донесе краткорочно забавување на растот на приходите за таа група работници, но тој раст се вратил уште посилен и дека приходите пораснале за 28 отсто во јуни. Според извештајот, во март 2020 година, 32 проценти од анкетираните хонорарни преведувачи изјавиле дека побарувачката за нивните услуги е значително намалена, а 53 проценти очекува побарувачката да скокне по пандемијата Потпретседателот за маркетинг на Пајонир, Џони Стил, оцени дека првата половина на 2020 година беше „тобоган“ за светската хонорарна економија и дека, како и другите индустрии, го почувствува влијанието кога пандемијата првично се појави, но дека враќањето е „зачудувачко“.