Неодамнешното „исчезнување“ на кинескиот милијардер и основач на Алибаба, Џек Ма, служеше како уште едно во низата шпекулации на социјалните мрежи.
Имено, кога се прошири веста дека Ма исчезнал затоа што веќе неколку месеци не се појавувал во јавноста, на социјалните мрежи започна да се шири видео во кое се предвидува дека тој ќе биде убиен или ќе оди во затвор.
Кинескиот милијардер и основач на „Алибаба“, Џек Ма, не е присутен во јавноста повеќе од два месеци, па медиумите шпекулираат дека тој исчезнал откако во октомври ја критикуваше кинеската влада и повика на реформа на системот.
Пекинг иницираше контрола врз компаниите на Ма, откако тој одржа контроверзен говор во Шангај на 24 октомври, во кој го критикуваше кинескиот регулаторен систем што ја задушува иновацијата, а потоа ги спореди глобалните банкарски правила со „клубот за пензионирање“ и повика на промена или реформа.
„Денешниот финансиски систем е наследство од индустриската ера. Треба да поставиме нов за следната генерација и за младите. Ние мора да го реформираме сегашниот систем “, рече Ма во својот говор во тоа време.
Откако медиумите објавија за неговото исчезнување од јавноста, видеото од интервјуто од 2019 година беше преобјавено на Твитер. На тоа видео, кинескиот милијардер Гуо Венгуи, кој го заработи своето богатство на недвижен имот и побегна од Кина во 2014 година, рече дека постојат „само два начина“ на кои би можела да се одвива иднината на Ма, откако ќе ја напушти Алибаба.
„Сите кинески милијардери имаат само две опции: затвор или смрт, а шансите се 50:50“, рече Венгуи во интервју за „Њузвик“.
Како што изјави Венгуи во тоа време, учеството на Џек Ма во приватната компанија Ант Фајненшл и предизвика „голем проблем“ на Кина бидејќи со тоа го предизвика банкарскиот систем на земјата, а Кина сакаше да ја „поврати“ компанијата сега позната како Ант Груп, филијала на групацијата Алибаба на Ма.