Ова се случува наспроти позадината на влошените односи меѓу Москва и Вашингтон
Долгогодишните напори за намалување на изложеноста на активата во американски долари за прв пат го зголемија уделот на злато во меѓународните резерви на Русија, за вкупно 583 милијарди долари, јавува Блумберг.
Учеството на злато во резервите на централната банка на крајот на јуни 2020 година изнесува 23%, се вели во извештајот објавен во понеделникот. Уделот на доларските средства се намали на 22% во споредба со над 40% во 2018 година.
Промената е дел од пошироката стратегија на претседателот Владимир Путин за „дедоларизација“ на руската економија и намалување на нејзината ранливост од санкциите на САД во услови на влошени односи меѓу Москва и Вашингтон. Златото сега го има второто најголемо учество во резервите на централната банка по еврото. Уделот на јуанот е околу 12%, информира Bloombergtv.
Зголемувањето на резервите на злато во Русија беше проследено со пораст на цените на благородни метали од 26% во периодот од јуни 2019 до јуни 2020 година. Централната банка купи злато во вредност од 4,3 милијарди долари за време на периодот, се вели во извештајот.
Русија во изминатите пет години потроши повеќе од 40 милијарди долари на набавка на злато, што ја прави најголем купувач во светот. Централната банка соопшти дека престанала да купува злато во првата половина на минатата година, откако падна цената на нафтата.