Недоволната храброст, предрасудите, слабата финансиска моќ се само некои од причините за малиот број жени претприемачи во Македонија, иако женското претприемаштво, според повеќето истражувања, има голема улога во развојот на претприемаштвото и на иновациите, а со тоа и во нивото на вработеноста и на развојот на економијата.
Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, вели дека женското претприемаштво со соодветна поддршка може да прерасне во двигател на дел од националните економски текови, со поинакви перспективи, иновативен пристап при реализирање на деловните идеи и со попродуктивен начин на организирање на деловните процеси, кои се детектирани како предности.
– Жените претприемачи се соочуваат со голем број предизвици, а нашите заложби се за дерегулација, преку отстранување на административните бариери и даночно ослободување во првите години од започнувањето со дејност, за претприемачите да имаат можност да постигнат стабилност и раст. Потребно е активно да се работи на поддршка на претпријатијата во сопственост или управувани од жени, со креирање нови финансиски инструменти за поддршка на жените претприемачи и овозможување пристап до програми за градење на нивните капацитети. Со поддршка на женското претприемаштво се залагаме за економско јакнење на жените преку овозможување нивна поголема финансиска независност – објаснува Арсовска.
Таа додава дека малиот број жени на водечките позиции во претприемаштвото се должи пред сѐ на недостигот од национален систем за вреднување базиран на меритократија. Доколку позициите би се стекнувале врз основа на јасни критериуми на компетентност, сигурно бројот на жени на позиции би бил поголем.
– Најголемиот предизвик останува во тоа што жените не само што немаат еднакви можности за напредување, дури и кога се подобар кандидат за повисока позиција, туку немаат ниту исти можности за надградување на компетенциите за да бидат поквалификувани при унапредување, особено во корпоративниот свет – нагласува Арсовска.
Според неа, не може да се зборува за еднаквост ниту за надминување на родовиот јаз без имплементација на механизми за намалување на родовите разлики во платите за работа со еднаква вредност.
– Родовите се со еднаква вредност и во 21 век, кога светот прокламира дека жените имаат еднакви права, неприфатливо е да немаат еднакви можности за кариера и еднакви плати. Доколку се воспостави механизам за обезбедување еднакви можности, жените економски силни и финансиски независни, ќе се изборат за местото што им припаѓа – истакнува Арсовска.
Како што додава таа, секоја година со Сојузот се вклучуваат во активна кампања, дејствуваат за постигнување родов паритет на платите и кон пробивање на стаклениот плафон со затворање на родовиот јаз во тој поглед и затоа нивната улога е важна за унапредување на позициите на жените и за нивно градење како идни лидери во индустријата во која работат.
Анита Никова, директорка на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, нагласува дека е евидентен порастот на млади претприемачки во нашата земја, млади индивидуи од женскиот пол што учествуваат во научноистражувачки активности и, секако, бројот на девојки што се запишуваат на факултетите што едуцираат ИКТ-кадри.
– Околу 50 отсто од бројот на запишани студенти на ФИНКИ и минатата и оваа година се од женски пол. Дополнително, во рамките на доделувањето на признанието „Успешни млади“ во категориите „Млад иноватор“ и „Млад талент“, добитници беа токму млади лица од женскиот пол. Дополнително, добитници од женскиот пол имаше во категоријата „Млада уметничка“ и во категоријата „Млад научник/научничка во полето на хуманистичките и медицинските науки“, што значи дека четири добитнички од вкупно осум категории се од женски пол – вели Никова.
Според неа, карактеристиките што ја красат една жена, која понекогаш е и мајка, и сопруга, и домаќинка, и ќерка, и сестра, и филантроп, и уште многу други нешта, ја прават сестрана и способна за мултитаскинг.