Цените на нафтата се зголемија поради геополитичките тензии по терористичките напади од страна на исламските милитанти во Париз, но растот е ограничен од вишокот на понудата.
На лондонскиот пазар цената на суровата нафта се зголеми за 34 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 44,81 $. За речиси истиот износ се зголеми и на американскиот пазар, каде што се тргуваше за 41,1 $ за барел.
Франција изврши големи воздушни напади врз позициите на исламска држава во Сирија, па инвеститорите го зголемија купувањето на нафта.
“По терористичките напади во Париз во цените е пресметана и одредена премија за ризик. Претходно сведочевме на прекумерна продажба и сега ова е техничко опоравување”, истакна Frank Klumpp од Landesbank Baden-Wuerttemberg.
Неименуван претставник на една земја од регионот на Персискиот Залив од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), за Ројтерс изјави дека верува да на среден рок зголемените тензии може да ги зголемат цените на нафтата, особено ако меѓународната заедница преземе понатамошни чекори против шверцот на нафта и ако бидат нападнати нафтените инсталации под контрола исламистите во Сирија и Ирак.
Зголемувањето на цените е попречено од стравувањата дека нападите дополнително ќе ја забават светската економија, а тежина се уште е вишокот на понудата. “Нашата прогноза за првата половина следната година е негативна. И понатаму се присутни негативните макроекономски движења, а се зголемуваат резервите на сурова нафта,” истакнуваат од Morgan Stanley.