Грантови во износ од петстотини евра за набавка на стоки и материјали за започнување и развој на посточеки бизниси ќе се потпомогнат земјоделски, занаетчиски и други дејности во три општини.

Со потпишување на договорите, денеска во Гостивар беше заокружено доделувањето на донација од економскиот пакет од проектот „Борба против ширењето и ублажување на најсериозните негативни последици од пандемијата Ковид-19 кај маргинализираните заедници на Западен Балкан”.

Проектот во Македонија го спроведува хуманитарно и добротворно здружение на Ромите – „Месечина” од Гостивар, во соработка со десет партнерски организации во Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија.

„Иако требаше да ги заокружиме овие активности кон крајот на декември, од објективни причини рокот малку се оддолжи. Денеска потпишавме договори со 15 претставници на веќе постоечки мали и средни бизниси и лица кои сакаат да започнат со работа. Со грантот од по 500 евра ќе им се помогне да набават опрема и материјали за нивниот бизнис“, рече Мухамед Точи, претседател на „Месечина”.

Тој посочи дека во рамки на овој проект беа ангажирани и педесетина волонтери кои претходно доставуваа хигиенски пакети и пакети со храна за социјално загрозени семејства во Гостивар, Кичево и Дебар.

На потпишувањето на договорите со корисниците присуствуваше и првиот човек на Општина Гостивар, Арбен Таравари и при тоа ја поздрави иницијативата.

„Во ова време на пандемијата и поголеми компании на светско ниво се соочуваат со криза. Ова што доаѓа како помош од соработката на Кер Интернешнл (CARE international) и Месечина е добредојдено. Помошта секако многу ќе им користи на малите и средни претпријатија кои се најмногу погодени од последиците од пандемијата“, рече градоначалникот Таравари.