На меѓународните девизните пазари курсот на еврото минатата недела за прв пат по седум месеци падна под 1,06 $, поради се поголемата веројатност ФЕД да ги зголеми каматните стапки во декември, а Европската централна банка наскоро дополнително ќе ја олабави монетарната политика.
Девизниот курс на еврото во однос на американската валута минатата недела падна за 0,5 проценти на 1,0590 $. Во однос на јапонската валута вредноста на доларот на неделна основа остана непроменета на 122,80 ¥. Еврото ослабна и во однос на јенот за 0,5 проценти, на 130,05 ¥.
Американската валута зајакна по серијата нови извештаи кои потврдуваат дека најголемата економија во светот постојано расте и се повеќе е веројатно дека ФЕД во декември ќе ги зголеми клучните каматни стапки, за прв пат од 2006 година.
Како резултат на тоа долар индексот кон средината на неделата достигна 100,17 поени, највисоко ниво во последните осум и пол месеци.
Од друга страна, еврото е под притисок од состанокот на Европската централна банка (ЕЦБ), на кој се очекува најава на дополнително олабавување на монетарната политика.